Куќата на Калеш Анѓа во село Старавина

Куќата на Калеш Анѓа во село Старавина

Калеш Анѓа претставува една од најопеаните народни хероини во нашиот фолклор. Селото Старавина е нејзиното родното место.

Ова село е познато по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја, спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија.

Калеш Анѓа потекнувала од фамилијата Сирмевци, коишто живееле во ова маало, па што кај локалното население оваа куќа е позната како „Куќата на Калеш Анѓа“.

Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“ во 1564/65 година. Населението во Мариово и пружило голем отпор на Отоманската војска и во неколку наврати истата и ја совладале. Сепак, обиколени од сите страни од далеку помногубројниот непријател, востаниците морале да се повлечат тврдината Пешта, лоцирана помеѓу селата Старавина и Градешница. Неможејќи на сила да ја освои тврдината, Отоманската војска се послужила со итрина и го лоцирала подземниот канал, низ којшто тврдината се снабдувала со вода. Дел од изжеднетите востаници се одлучиле на борба до смрт на портите на тврдината, а додека пак другиот дел заедно со жените и децата биле земени во заробеништво.

По Мариовската буна тврдината ја изгубила својата оригинална намена и била оставена на забот на времето. Денес разрушена, во голема мера и поради бомбардирањето во текот на Првата светска војна, таа останува како нем сведок за бурното минато на овие простори.

Легендата за Калеш Анѓа е овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина.

Денес објектот, насловен како Куќата на Калеш Анѓа претставува традиционален тип на градба, со правоаголна форма, ѕидана од природни материјали (дрво, камен и кал) со функционална и симболичка поделба на „горен“ и „долен“ дел. Горниот дел бил наменет за членовите на домаќинството, а долниот за стоката. Заради благата мариовска клима познати се отворените чардаци. Ваков чардак среќаваме и кај Куќата на Калеш Анѓа.

, , ,