Добро Поле

Добро Поле

Добро Поле е локација на границата помеѓу Македонија и Грција и местото каде се случил пробојот на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.

Нападот започнал на 14 Септември 1918 година со артилериско бомбардирање на неколку позиции, по што на 15 Септември во 05.30 ч. следел и нападот на пешадијата. На страната на Сојузничките сили во првиот ред биле 122 Француска пешадиска дивизија, 17 Француска пешадиска колонијална дивизија и Српската Шумадиска дивизија, а во вториот ред биле две Српски дивизии Тимочка и Југословенска.

Бугарите го издржале тешкото бомбардирање, па така Добро Поле морало да биде освоено од пешадијата. Српските војски полека се пробивале по стрмните падини и што повеќе се приближувале, толку повеќе зачестувале Бугарските контранапади.

Со употреба на пламенофрлачи, биле уништени Бугарските митралески гнезда и по осум часовна борба, Бугарската линија била пробиена.

Веќе два дена од почетокот на борбите, одбранбените позиции на Бугарите и Германците на овој простор биле пробиени 25 км во широчина и  10 км во длабочина. Командантот на 11. германска армија, наредил повлекување на германските и бугарските единици на линијата кај село Полчиште.

Десет дена по пробојот на Добро Поле војските на Антантата го зазеле Градско, главниот комуникациски центар на Централните сили, по што се прекинала комуникацијата помеѓу Германската команда и Бугарската војска.

На 29-ти септември, сојузниците влегле во Скопје и веќе биле на државните граници на Бугарија. Уплашена да не биде окупирана од Сојузниците, бугарска делегација на 29 септември 1918 г. во Солун потпишала примирје со кое борбените дејства меѓу Бугарија и Сојузниците престанале на 30 септември 1918 година.

Co потпишувањето на примирјето престанале сите борбени дејства на просторите на Македонскиот фронт.

Во 1938 година делегација предводена од Louis Cordier го ангажира скулпторот Marcel Ganguilhem - војник кој ја изгубил својата десна рака при борбите во близина на Добро Поле, да изработи бронзен споменик кој заедно со Српските власти на 19. Септември 1938 бил поставен на Добро Поле, на месноста која денес кај локалното население е позната како „Бронзена рака“. Споменикот покасно изчезнал, но денес јасно се видливи трагите на карпата на која бил поставен.

Како до локацијата:

Добро Поле е локација на границата помеѓу Македонија и Грција, во регионот Мариово кој е воедно и најретко населен регион во Р. Македонија. До локацијата води планински пат кој е прооден единствено со теренски возила во летните месеци. До самата локација каде е карпата на која бил поставен споменикот и од каде се гледа Добро Поле кое всушност е на страната на Република Грција, се стигнува единствено пеш по патека која моментално не е обележана. Посетителите може лесно да се загубат или пак да залутаат на страната на Република Грција доколку не се придружувани од планинарски водич.