Чебренски манастир

Чебренски манастир

Чебренскиот манастир претставува македонски православен манастирски комплекс сместен по течението на Црна Река, во атарот на историското село Чебрен во срцето на Мариово. До него се стигнува доколку се тргне по патот кој води до селото Зовиќ. Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.

Поволната стратешка позиција на манастирскиот комплекс и фактот што во Мариово за време на турското владеење немало исламизација на населението, го направиле овој комплекс еден од најбогатите во Македонија. Истото може да се забележи и преку темелите на старата црква Св. Димитрија, на основ на кои може да се претпостави големината на овој храм. Во своја сопственост манастирот имал воденици со 12 воденички камења, многу стока, како што се овци, кози, крупен добиток. Потоа, ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Од пишаните документи се дознава дека манастирот во XIX век имал и свое ќелијно училиште на старословенски јазик. Во ова училиште се подготвувале свештеници и учители за другите мариовски села. Оваа слава на манастирот целосно е запечатена за време на Првата светска војна, кога целиот комплекс бил разрушен.

Главна манстирска црква е таа што е позветена на Св. Димитриј Солунски. Во минатото таа била доста богата и грандиозна црква во комплексот. Денес таа е обновена, но во помали димензии, и нејзиниот иконостас датира од 15 век, а бил реновиран во 19 век.

Црквата „Вознесение Христово“ попозната како „Св. Спас“ се наоѓа во близина на комплексот и е со помали димензии. Таа е мала еднокорабна црква (6,30 х 4,30 м.) со полукружна апсида на исток и влез во наосот на запад. Градена е од обичен речен камен со врзиво од варов малтер. Внатрешноста е поделена со дрвена олтарна преграда на два дела. Сите четири ѕидови од наосот и олтарниот простор се живописани во фреско техника. Според досегашните сознанија и стручната литература фреските се датирани во 16 век. Нивната сочувана површина изнесува околу 60m².

,